Италијанската централна банка: Економијата ќе расте побавно поради климатските промени

Италијанската економија би можела да забави во следните децении поради ризиците што ги носат порастот на температурите, а најлошите последици ќе ги почувствуваат земјоделството и туризмот, предупреди Централната банка.

Италија веќе ги чувствува последиците од климатските промени и во јули владата прогласи вонредна состојба во долината на реката По, која сочинува околу една третина од земјоделското производство и ја забележа најголемата суша во последните 70 години.

Најмногу ќе настрадаат скијачките центри
Во однос на туризмот, најмногу ќе настрадаат туристичките центри поврзани со зимските спортови, бидејќи поради помалото количество на снег, помалку посетители ќе доаѓаат на Алпите да скијаат, откри банката во истражувањето објавено во средата.

Тие предвидуваат најголем ризик за одморалиштата на помали надморски височини, имајќи предвид дека вештачкиот снег нема да може целосно да го надомести недостатокот на вистински снег.

Од последиците од климатските промени ќе настрадаат и другите сектори, нагласуваат од банката во истражувањето, посочувајќи дека поголеми се шансите за пропаѓање на компаниите во делови од земјава со зголемен ризик од одрони и поплави.

Поради жештината повеќе повреди се случуваат на работа
Тој предупредува и на влијанието на високите температури и загадувањето врз студентите и работниците, бидејќи полоши резултати се забележани на испитите во топлите денови, односно повеќе пријавени повреди на работното место кога квалитетот на воздухот е лош.

Студијата покажа дека бруто домашниот производ на Италија по глава на жител може да падне меѓу 2,8 и 9,5 отсто до 2100 година поради климатските промени, во споредба со неутралните проценки.