Мајкл Бери, легендарниот инвеститор од Волстрит и основач на фондот Scion Capital кој го водеше до големата криза во 2008 година, верува дека нè очекува „мајката на сите финансиски кризи“. Бери, кој прв ја предвиде големата криза на американскиот пазар на недвижности во 2008 година и која на крајот го потопи светот, смета дека инвеститорите на берзите премногу играле, што во комбинација со инфлацијата не води до ништо добро.
Бери сега има уште помрачно предвидување за крајот на оваа година. Но, тој не е сам. Повеќето американски деловни и економски гуруа, од Ворен Бафет, преку економистот Џереми Грантам и инвеститорот Чарли Мангер, до извршниот директор на JP Morgan, Џејми Димон, тврдат дека претстојат „тешки времиња“. Нивниот став е дека економијата на Соединетите Американски Држави колабира поради постојано зголемување на инфлацијата, потенцијална рецесија, колапс на станбениот пазар, бескрајна војна во Источна Европа, прекини во синџирот на снабдување и други лоши работи што се случуваат околу нас во моментов. Како и во 2008 година, нивното мислење е дека се што се случува во САД ќе има негативно влијание врз целиот свет и дека последиците за многу земји ќе бидат фатални.
Ако се фокусираме на предвидувањата на Бери, кои досега беа 95 отсто точни, јасно е дека сме во неволја, тврди YouTube каналот Millionaires Investment Secrets. Тој на 12 август годинава ги предупреди инвеститорите дека растот на „мечкиниот пазар“ е речиси завршен и дека полека одиме на дното и од тој датум пазарот падна за 17 проценти. Бери сега тврди дека, во економска смисла, судниот ден е пред нас. Додека светот полека влегува во тунелот за рецесија, Бери има неколку корисни совети кои ќе ни помогнат да го преживееме падот на пазарот во 2022 година.
Бери верува дека американскиот пазар стои на работ на пропаст. Тој вели дека времињата се потурбулентни сега отколку порано, мислејќи на повеќе шпекулации отколку во 1920-тите, повеќе превреднување отколку во 1990-тите и повеќе економски и геополитички конфликти отколку во 1970-тите. Тој предвиде дека акциите ќе доживеат „мајка на сите колапси“ пред повеќе од една година и затоа го издаде своето последно предупредување со табела што го покажува остриот пад на S&P 500 откако го достигна највисокото ниво на историјата во јануари. И верува дека уште повеќе ќе падне.
„Имаме повеќе шпекулации од 1920-тите, кои доведоа до Големата депресија во 1929 година. Имаме повеќе вреднувања од 1990-тите, што доведе до кризата со dot.com од раните 2000-ти“, напиша Бери на Твитер, истакнувајќи дека платите на работниците стагнираа оваа година, што, заедно со високите стапки на инфлација, ги осиромаши повеќето луѓе.
„Реалните плати, ако ги прилагодиме за инфлацијата, паднаа за 2,2 отсто оваа година во САД. Ми се чини дека ова е единствената навистина важна вест во една манична година. Инфлацијата не е ништо повеќе од масовен данок, не заборавајте на тоа“, напиша Бери, кој уште во јуни рече дека тие се знак на „мајката на сите колапси“.
Бери верува дека инфлацијата нема да запре и дека берзата ќе продолжи да паѓа, . Посебно ќе биде пеколно во последните три месеци од оваа година – така што, според него, пеколот веќе започнал. Затоа ги продаде апсолутно сите свои акции и инвестираше во The Geo Group, компанија која инвестира во приватни затвори и психијатриски клиники. Според него, инфлацијата и придружната рецесија ќе доведат до висока невработеност и зголемување на стапката на криминал што ја придружува високата стапка на невработеност. Последица од тоа, според него, ќе бидат се повеќе затвореници, но и лица на кои им е потребна стручна психијатриска помош. Бери, судејќи според неговата инвестиција, планира да ја искористи општата криза за дополнителна заработка.
Исто така, Бери често споделува совети за тоа каде и како да инвестираат во овие кризни времиња на својот профил на Твитер, па ги советува американските инвеститори да бараат нови пазари и да почнат да ги инвестираат своите пари надвор од САД. Еден од неговите предлози е – Јапонија. Бери тврди дека три работи ќе бидат клучни во наредниот период: преценет пазар, инфлација и каматни стапки.











