Маск си се именуваше за извршен директор на Твитер

Американскиот милијардер и сопственик на компаниите SpaceX и Tesla Motors, Илон Маск, се назначи за нов извршен директор на Twitter, откако го распушти одборот на директори и најави ново реструктуирање.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави, повикувајќи се на извори блиски до Маск, дека неговиот тим планира да отпушти околу 25 отсто од работниците во првиот круг од реструктуирањето, пренесува Гардијан.

Познатиот адвокат Алекс Спиро, долгогодишниот правен застапник на Маск, разговарал за претстојните отпуштања, пишува Вашингтон пост.

Откако ја презеде контролата врз Твитер минатата недела, Маск ги отпушти главните директори на компанијата, вклучително и извршниот директор Параг Агравал, главниот финансиски директор Нед Сегал и шефот за правни и политички прашања Виџеј Гадје.

Маск, исто така, го распушти одборот на директори на Твитер и се назначи себеси за единствен член на одборот, според поднесеното барање до Комисијата за хартии од вредност на САД.

Маск подоцна објави на Твитер дека распуштањето на одборот е „само привремено“.

Сопственикот на Tesla Motors претходно ја додаде титулата „Chief Twit“ во својата биографија на Twitter, алудирајќи на неговата нова улога во компанијата.

Маск минатата недела ја презеде контролата врз оваа социјална мрежа за повеќе од 44 милијарди долари.