И за месната индустрија субвенционирана струја, се очекува поевтинување на основните прехранбени производи

Владата денеска треба да донесе дополнителна одлука со која и компаниите од месната индустрија ќе бидат ставени на списокот за добивање субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават час.

Ова го соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, а согласно одлуката, покрај „одгледувањето живина”, додадени ќе бидат и шифрите на дејности за одгледување свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана струја.

Стопанската комора на Северна Македонија го поздрави ваквиот чекор и јавно и заблагодари на Владата што му излегува во пресрет на бизнисот во вакви услови на криза.

Според Комората, податоците од терен велат дека компаниите одгледувачи на животни работат во отежнати услови зашто сточната храна веќе е поскапена за 70 отсто. Тие бележат екстремен раст на транспортните трошоци, но и на сметките за струја, а сето тоа го доведува во прашање нивниот опстанок.

Наредните денови намалување на цените и на лебот и млекото

Според министерот Бектеши кој порача дека сите треба да придонесат во справувањето со кризата и да бидат општествено одговорни, во наредните десет дена се очекува намалување и на цените на лебот и млекото.

-Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, рече Бектеши.

Од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, дополни министерот, ако суровините останат со истите увозни цени, а тогаш стапува во сила и мерката за субвенционирано снабдување со струја.