Цените на нафтата паднаа под 85 долари во четвртокот, бидејќи трговците ја толкуваа веста за ограничувањето на цената на руската нафта што ја разгледува Групата седум (Г7) како сигнал за непречен извоз, намалувајќи ја загриженоста за снабдување.
Утринското тргување забележа благ пораст, па нафтата од типот „брент“ моментално се тргува по цена од 86,31 долари за барел. Цената на барел нафта од Тексас WTI е 79,29 долари, се наведува на веб-страницата OilPrice.
Стабилизацијата на пазарот беше под влијание на веста дека Г7 се подготвува да постави повисока граница за руската нафта од сегашната. Оваа можност ја олесни загриженоста за снабдување.
Г7 размислува за ограничување на цената на руската нафта што се испорачува по море од 65 до 70 долари за барел, изјави неименуван европски претставник. Повисоката граница потенцијално би ја поттикнала Русија да продолжи да продава нафта, што би го намалило ризикот од недоволно снабдување, пренесува агенцијата Мина.
Кремљ во четвртокот соопшти дека Русија не планира да испорачува нафта и гас на земјите кои поддржуваат ограничувања на цените, додавајќи дека ќе донесе конечна одлука по анализата на бројките.











