Жилава индустрија: Туризмот ќе создаде 126 милиони работни места во следната деценија

Туризмот ќе отвори 126 милиони работни места во следната деценија, беше најавено на Глобалниот самит на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) во Ријад.

Глобалните туристички лидери на самитот, ја истакнаа важноста на владините партнерства во создавањето побезбедна, поотпорна и одржлива иднина за туристичкиот сектор за време на отворањето на панел сесиите.

Самитот за патување за подобра иднина го отвори министерот за туризам на Саудиска Арабија, Ахмед Ал Хатиб, кој рече дека туризмот ќе отвори 126 милиони работни места во следната деценија.

„Овде, во Ријад, собравме повеќе министри за туризам и извршни директори од кога било досега. Да ја искористиме оваа можност и да ја искористиме мудро. Партнерството во јавниот и приватниот сектор мора да биде на прво место за да се иницираат акции од кои ќе имаат корист сите“, рече Ал-Хатиб.

Претседателката и извршен директор на WTTC, Џулија Симпсон, рече дека настанот ги собрал најмоќните светски лидери во туризмот и патувањето за да разговараат за обезбедување на долгорочната иднина на секторот, кој е од клучно значење за економиите, работните места и животниот стандард ширум светот.

Министерот за инвестиции на Саудиска Арабија Калид Ал Фалих оцени дека туризмот влијае на сите аспекти на економијата, од здравството до иновациите.

„За време на пандемијата видовме дека ако загуби туристичкиот сектор, губат сите. Ефектот на прелевање е прилично неверојатен. Тоа е дел од нашата диверзификација и ние инвестираме во тоа за поголемо добро“, рече Ал Фалих.