Владата на Нов Зеланд најави закон кој ќе ги обврзе големите технолошки компании како Гугл и Мета да плаќаат за објавени медиумски содржини.
Законот ќе биде моделиран по слични закони во Австралија и Канада, рече министерот за медиуми Вили Џексон, и изрази надеж дека тоа ќе ги охрабри дигиталните платформи да се согласат да ги споделат приходите од рекламирање со медиумите.
– Медиумите во Нов Зеланд, особено малите регионални весници и билтените на заедницата, тешко ја одржуваат финансиската одржливост поради селењето на рекламите на Интернет, предупреди министерот.
– Клучно е оние кои профитираат од нивната информативна содржина да платат за неа, рече Џексон.
Се очекува владејачкото лабуристичко мнозинство во парламентот да го усвои предложениот закон.
Во 2021 година, Австралија воведе закон што и дава на владата овластување да ги принуди интернет компаниите да преговараат со медиумите за да плаќаат за содржината на вести. Ревизијата објавена од австралиската влада минатата недела покажа дека во голема мера ја постигнал целта.