Аеродром на Балканот за 5 патници: Помалку отколку за време на пандемијата

Мостарскиот аеродром опслужил само пет патници во ноември, што е негов најслаб перформанс за тој месец во повеќе од 10 години. Како што објави специјализираниот портал за авијација „exyuaviation“, минатиот месец на аеродромот во Мостар немало комерцијални летови бидејќи летната чартер сезона заврши во октомври.

Овој аеродром имаше уште помалку патници во ноември отколку за време на пандемијата во 2020 година, при што бројот на летови беше за 99 проценти помал од 2019 година, годината што и претходеше на кризата предизвикана од корона вирусот. Севкупно, мостарскиот аеродром опслужил 10.801 патник во периодот јануари-ноември, што е за 66,5 отсто помалку од пред три години.

Раководството на аеродромот најави дека „Визер“ ќе започне со летови до овој град следната година, но нема потврда за ваквите планови од унгарската нискобуџетна авиокомпанија, се додава во информацијата.