Цените на акциите на светските берзи драстично паднаа минатата недела, втора недела по ред, бидејќи централните банки во западните земји продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата, што може да предизвика рецесија. На Волстрит, Dow Jones минатата недела се лизна за 1,7 отсто, на 32.920 поени, додека S&P 500 падна за 2,1 отсто, на 3.852 поени, а индексот Nasdaq за 2,7 отсто, на 10.705 поени.
Остриот пад на тие индекси втора недела по ред е последица на сè уште цврстата позиција на ФЕД во однос на сузбивањето на инфлацијата.
На последната седница од оваа година, ФЕД го забави темпото на зголемување на каматните стапки, но проценките на челниците на централната банка покажуваат дека каматните стапки ќе бидат покачени на повисоки нивоа од очекуваното и дека тие ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното.
Минатата недела европските, швајцарските и британските централни банки ги зголемија каматните стапки за 0,50 процентни поени.
На редовната седница челниците на Европската централна банка најавија дека ќе биде потребно дополнително значително зголемување на каматните стапки за да се потисне инфлацијата.
Ова е причината зошто цените на акциите драстично паднаа на европските берзи минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1,9 отсто, на 7.332 поени, додека франкфуртски DAX потона за 3,3 отсто, на 13.893 поени, а париски CAC 3,4 отсто, на 6.452 поени.













