Италијанско-францускиот конзорциум Ени-Тотал откри големо ново наоѓалиште на природен гас за време на морските бушења јужно од Кипар, објави во средата владата во Никозија.
Се проценува дека резервите на тоа поле, кое се наоѓа на околу 160 километри југозападно од Кипар, се 85 милијарди кубни метри гас.
Во август, Ени веќе најде големо наоѓалиште на гас во истиот регион, кое се проценува дека содржи 70 милијарди кубни метри гас.
Според енергетските експерти во Кипар, најновото откритие е важен чекор за Европа на патот да се ослободи од зависноста од руските испораки на природен гас. Се верува дека има и други богати наоѓалишта на гас во источниот Медитеран.











