Падот на цените на куќите и становите во 2023 година нема да биде драстичен

Цените на домовите на повеќето големи пазари на недвижности ќе се намалат во 2023 година, но падот нема да биде доволно силен за да ги направи попристапни за потенцијалните купувачи.

Имено, речиси стотина аналитичари на пазарот на недвижности, анкетирани од Ројтерс, предвидоа благ пад на цените, што е охрабрувачка вест со оглед на сите економски турбуленции што се случуваат во светот во последните девет месеци.

Каматните стапки на хипотеките се удвоија во просек во развиените економии од почетокот на годината, бидејќи нивните централни банки се борат против растечката инфлација со повисоки каматни стапки. Бидејќи се очекуваат уште неколку клучни покачувања на стапките, прогнозите се базираат на нив и тешко дека ќе се воспостави тренд на намалување на цените на недвижностите.

Цените на куќите во САД, Канада, Велика Британија, Германија, Австралија и Нов Зеланд се зголемија меѓу 25 отсто и повеќе од 50 отсто од избувнувањето на пандемијата на коронавирус на почетокот на 2020 година, објави Ројтерс.

Истражувањето на глобалниот водич за недвижнини објавено пред два месеци покажа дека цените на куќите пораснале во 49 земји и паднале само на девет од 58-те светски пазари на станови. Инфлацијата беше главниот фактор зад растот на цените во вториот квартал од оваа година.

„Цените на куќите пораснаа во 19 од 27 европски земји за недвижности за кои беа достапни бројки во вториот квартал од оваа година. Сепак, само седум земји имаа посилен моментум во овој период во однос на претходната година“, се наведува во истражувањето.

„Умерено скапи“ куќи
Иако цените на куќите во развиените економии се очекува да паднат помеѓу 10 и 18 отсто, проектираните падови ќе изнесуваат само една третина од добивките во ерата на пандемијата, објави Ројтерс.

И додека пред пандемијата аналитичарите ги категоризираа цените на куќите како пристојни или само малку преценети, тие сега постојано ги оценуваат како умерено скапи на повеќето пазари, дури и кога зголемените трошоци за задолжување и инфлацијата тежат на побарувачката.

„Повисоките хипотекарни стапки ќе имаат големо влијание врз побарувачката и цените на куќите во следната година и до 2024 година. Зголемувањето на трошоците за живот, исто така, ќе ја намали побарувачката бидејќи некои потрошувачи го одложуваат купувањето дом“, забележаа аналитичарите на Fitch Ratings, додавајќи дека постои „значителна несигурност“ за тоа колку ќе паднат цените на куќите.

Повеќето аналитичари анкетирани од Ројтерс во последните недели рекоа дека цените на куќите треба да паднат повеќе за да бидат достапни.

Недвижностите поскапеле за 21,2 отсто во третиот квартал годинава

Цените на недвижностите во третиот квартал годинава во државава се зголемиле за 21,2 отсто, во однос на истиот квартал  од минатата година. Во периодот јули-септември годинава, споредено со претходните три месеци, растот на цените на недвижностите е за 4,7 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.

Во вториот квартал годинава цените на становите забележаа зголемување од 16,5 отсто на годишно, односно од 6,8 проценти на квартало ниво, додека во првиот квартал исто така имаше раст на годишно ниво од 12,4 отсто , односно од 2,9 на квартално ниво.