Москва е подготвена да го врати снабдувањето со гас во Европа преку гасоводот Јамал-Европа, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.
„Европскиот пазар останува релевантен, бидејќи недостигот на гас сè уште постои, а ние ги имаме сите можности да го вратиме снабдувањето. На пример, гасоводот Јамал-Европа, кој беше запрен од политички причини, останува неискористен“, рече Новак, а пренесе Ројтерс, повикувајќи се на ТАСС.
Насоката на гасоводот е од исток кон запад, но од декември минатата година е главно обратна, бидејќи Полска се откажа од купување гас од Русија и го црпи гасот складиран во Германија. Варшава го раскина договорот со Русија во мај, бидејќи претходно го одби барањето на Москва да плати во рубљи.
Рускиот снабдувач Газпром одговори со запирање на испораките, велејќи дека повеќе нема да може да извезува гас преку Полска, откако Москва воведе санкции за компанијата која е сопственик на полскиот дел од гасоводот Јамал-Европа.
Новак, исто така, повтори дека Москва разговара за дополнителни испораки на гас преку Турција по создавањето центар таму. Тој изјави дека Москва очекува да испорача 21 милијарда кубни метри течен природен гас (ТНГ) во Европа до крајот на тековната година.
„Оваа година можевме значително да ги зголемиме испораките на TPG во Европа. За 11 месеци од 2022 година тие се зголемија на 19,4 милијарди кубни метри, а до крајот на годината се очекуваат 21 милијарда кубни метри“, рече Новак.











