Германската влада оваа година одобрила извоз на оружје во вредност од 8,35 милијарди евра. Во историјата на Сојузна Република Германија само минатата година било извезено повеќе оружје, во вредност од 9,35 милијарди евра, јавува агенцијата ДПА.
Над четврт од германското оружје оваа година заминало за Украина, од 1 јануари до 22 декември, покажуваат податоците кои министерството за стопанство ги соопшти на барање на пратеничката на Левица Севим Дагделен. Агенцијата ДПА имала увид во документот.
Партиите на владејачката коалиција – социјалдемократите и Зелените – минатата година всушност бараа извозот на оружје да се намали и да се усвои соодветен закон за контрола на испораките. Меѓутоа, војната во Украина доведе до пресврт. Канцеларот Олаф Шолц во својот говор во февруари најави раскин со принципите кои Германија ги почитуваше со децении – да не испраќа оружје во конфликтни зони.
Владата потоа одобри извоз на вооружување во Украина од 2,24 милијарди евра. Замина и тешко оружје – противвоздушни тенкови „гепард“, хаубици 2000, повеќецевни ракетни фрлачи и противвоздушен систем ирис-Т.
Но, Германија извезувала и во други земји оружје „тешко“ над шест милијарди евра. За споредба, за шеснаесетте години од владеењето на Ангела Меркел цифрата од шест милијарди е надмината само пет пати.
Левичарската пратеничка Дагделен остро ја критикуваше владата наведувајќи дека „бескрупулозно испорачува оружје во воени и кризни области и профитира од конфликтите и смртта“.
На листата земји во кои од Германија, по Украина, е испорачано најмногу оружје се Холандија (1,83 милијарди евра), Соединетите Американски држави (863,7 милиони), Британија (453 милиони) и Унгарија (249 милиони), и сите четири се членки на НАТО.
Меѓу првите 10 се и Австралија (196,1 милион евра), Сингапур (175,1 милион евра) и Јужна Кореја (166,5 милиони) кои не се членки на НАТО, ниту на Европската Унија. Австралија, меѓутоа, во извозната статистика се изедначува со земјите од НАТО.
Извозот на оружје во трети земји во вкупната вредност падна од 83,6 на 38,7 во однос на претходната година. Високиот удел во 2021 е главно поради Египет, на кого владата на Ангела Меркел му одобри испраќање воени бродови, ПВО системи и друго оружје за 4,34 милијарди евра.
Во своите последни девет дена претходната влада минатата година одобрила извоз од речиси пет милијарди евра, иако била во технички мандат. Само поради тоа е соборен рекордот за извоз на оружје од девет милиони евра на германските компании.
Податоците за оваа година се до 22 декември, а конечните се очекуваат на почетокот на јануари.











