Најевтиниот електричен автомобил во Европа доби помоќна верзија

85

Првата електрична Dacia стана вистински успех за романската марка, бидејќи веќе се нарачани повеќе од 100.000 единици. Сепак, многумина се пожалија дека моќта од 45 КС едноставно не е доволна, а Dacia одговори со верзијата Spring Extreme.

Новиот електромотор со 65 КС ќе биде достапен само во варијантата Spring Extreme, а има и нов менувач кој го зголемува максималниот вртежен момент кој се пренесува на тркалата. Батеријата има ист капацитет од 26,8 kWh, а Dacia Spring Extreme ќе има автономија од 220 километри во комбиниран режим на возење или 305 километри во градски услови. Станува збор за многу слични бројки со варијантата Essential, со тоа што досегот во комбиниран режим е намален за 5 километри, додека во градот скокнал за 10 километри.

Dacia Spring Extreme има целосно нова боја на каросеријата „Slate Blue“, но и бројни дизајнерски карактеристики кои го разликуваат од основната варијанта, како што се деталите во боја на бакар, додека внатрешноста е малку изменета, а има и нов модел на ткаенина и нешто повеќе опрема.

Романската компанија објави дека просечниот Spring возач поминува околу 31 километар дневно, што значи дека доволно е да се полни батеријата еднаш неделно. Во 75 проценти од случаите, сопствениците на Spring го полнат своето возило дома, а во просек се потребни околу 3 и пол часа.

Заинтересираните клиенти во Франција од денеска ќе можат да го нарачаат Spring Extreme, а првите испораки се очекуваат пред летото. Цената без субвенција е 22.300 евра, што е нешто повеќе од варијантата Essential која чини 20.800 евра.