Граѓаните и фирмите од денес ќе може преку СМС или електронска пошта од државни институции да добиваат информации за истекување на рокот на важноста на лиценци, за изготвени дозволи за работа и известувања за јавни повици за ИПАРД програмата.
Овој нов систем, Е-потсетник, го спроведува Министерството за информатичко општество и администрација и е поставен на веб апликацијата www.e-potsetnik.mk.
“Станува збор за автоматизирано праќање на потсетници до граѓаните и фирмите за документи/услуги, согласно критериумите и условите утврдени од страна на институциите, во точно определено време или врз основа на предодреден настан. Фактот дека СМС пораките се честа алатка за комуникација и не побаруваат учење на дополнителни вештини, ја прави оваа алатка ефективна за подобрување на комуникацијата и пристапот до владините услуги”, рече на прес-конференција министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски.
Во системот Е-потсетник засега се опфатени пет институции од кои граѓаните ќе можат да добиваат информации, Министерството за економија, Јавното претпријатие за државни патишта, Управата за водење на матични книги, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој.
При регистрација на една услуга по СМС, потребно е да се внесе кодот на услугата, кој го има на порталот, а ќе биде поставен и на шалтерите на петте институции, и одредени карактеристични податоци за секоја услуга со цел единствено идентификување на корисникот и предметот.
Секој добиен смс потсетник корисниците на услугите ќе ги чини 5 денари. На самото веб решение постои Каталог на услуги за секоја од институциите, преку кој граѓаните можат да се информираат за видот на услугите кои можат да ги добијат од нив.
Министерот Ивановски информира дека кај оние институции кај коишто има електронски бази, одговорот се добива веднаш, користејќи веб сервиси и комуникација систем-до-систем, без учество на вработените од институцијата. Кај институциите без електронски бази, одговорот се добива најдоцна 7 дена по поднесеното барање, а по одобрување од вработените на институцијата.
Со системот Министерството за економија нуди услуги за потсетувања на граѓаните за истекување лиценци за продажба на алкохолни пијалоци во трговија на мало, за решение за категоризација на хотел, мотел и пансион, за кабаре, дискоклуб, ноќен клуб и дискоклуб на отворен простор, а
Јавното претпријатие за државни патишта потсетник за изработена дозвола за рекламни табли.
Управата за водење матични книги, пак, дава известување за изготвен извод од матична книга за родени, за венчани и за умрени.
Агенцијата за вработување овозможува известување дека работната дозвола за странец е изготвена и потсетување дека работната дозвола за странец ќе истече за 30 дена, а Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој известување за јавен повик за ИПАРД Програмата.