На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, благодарение на надежта на трговците дека кинеската побарувачка ќе се зголеми бидејќи се очекува забрзување на растот на втората по големина светска економија. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 3,2 отсто, на 85,83 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,4 отсто, на 79,68 долари.
Растот на цените најмногу се должи на подобрите од очекуваните макроекономски показатели од Кина, кои упатуваат на забрзување на растот на втората по големина светска економија, по подолг период на слабост. Бидејќи Кина е најголемиот увозник на нафта во светот, трговците очекуваат зајакнување на побарувачката. Кинескиот увоз на руска нафта по морски пат би требало да достигне највисоко ниво од следењето на податоците во март, проценуваат трговците.
Од друга страна, зголемувањето на цените на енергијата ги ограничува напорите на централните банки на западните земји да ја потиснат инфлацијата, односно да ја ослабат потрошувачката на населението и да го забават растот на економиите. А тоа секако би ја ослабело и побарувачката за „црното злато“. Бидејќи инфлацијата во САД е сè уште висока, а економијата постојано расте, проценките за зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка се зголемија.
Пред една недела, ФЕД се очекуваше да ги зголеми клучните каматни стапки на 5,35 проценти до јули, додека сега се очекува да ги зголеми на опсег од 5,50 до 5,75 проценти до септември и да ги задржи на тие нивоа подолго од очекуваното.
Во петокот, трговците беа вознемирени и од извештајот на Wall Street Journal дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) размислуваат да го напуштат ОПЕК и да го зголемат производството на нафта, пренесува Телеграм.хр.
Веднаш по веста, цената на нафтата нагло падна, но бидејќи веста набрзо беше демантирана, цените ги повратија сите претходни загуби. И покрај минатонеделниот раст, цените на нафтата и понатаму се малку пониски во однос на почетокот на годината.