Саудиска Арабија купува 121 авион од Боинг

46

Саудиска Арабија ќе купи 121 авион Боинг 787 Дримлајнер со мотори од американскиот производител Џенерал Електрик, соопшти  Белата куќа, истакнувајќи дека ова е нова пресвртница во 80-годишната соработка меѓу двете земји.
Дел од авионите продадени на Саудиска Арабија се наменети за основање нова авиокомпанија, а дел за модернизација на постојната флота. Боинг ќе има приход од 37 милијарди долари.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека администрацијата на Џо Бајден со нетрпение очекува да работи со Саудиска Арабија и со сите партнери на Блискиот Исток. Посебно сме среќни што Боинг по долгогодишни договори и преговори склучи договор со Саудиска Арабија, што е нова пресвртница во 80-годишната соработка меѓу двете земји, рече таа.

Портпаролката потсети дека во февруари Боинг го склучи својот втор најголем договор во историјата кога продаде повеќе од 200 авиони на Ер Индија.

Пораката од Белата куќа доаѓа откако Саудиска Арабија повторно ги воспостави дипломатските односи со Иран по интервенцијата на Кина.