Централните банки се обединија против паниката на пазарот

Некои од најголемите централни банки во светот се собраа во неделата за да спречат ширење на банкарската криза, откако швајцарските власти му наредија на UBS да го преземе конкурентскиот Credit Suisse во историски договор поддржан со државна гаранција.

Набргу по најавата за преземање во неделата вечерта, Федералните резерви на САД, Европската централна банка (ЕЦБ) и другите големи централни банки се огласија за да ги смират пазарите зафатени од банкарската криза што започна на почетокот на овој месец со колапсот на две американски банки, пренесе Ројтерс.

Во глобален договор што не е забележан од екот на пандемијата, ФЕД соопшти дека се здружува со централните банки во Канада, Англија, Јапонија, ЕУ и Швајцарија во координирани напори за зајакнување на ликвидноста на пазарот. ЕЦБ вети дека ќе ги поддржи банките од еврозоната со заеми доколку е потребно.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел и американската министерка за финансии Џенет Јелен ја поздравија најавата на швајцарските власти, а нивниот потег беше пофален и од Банката на Англија. Некои инвеститори, исто така, го поздравија преземањето на Credit Suisse, но останаа главно претпазливи.

Остануваат проблемите во банкарскиот сектор во САД, каде што акциите на банките останаа под притисок и покрај потегот на неколку големи банки да депонираат 30 милијарди долари во First Republic Bank (FRB), откако банката беше потресена од колапсот на банките SVB и Signature. Во неделата S&P Global го намали кредитниот рејтинг на FRB, наведувајќи дека приливот на депозити можеби нема да го реши проблемот со ликвидноста, пренесува Bankar.me.

Според податоците на швајцарската приватно банкарска корпорација Јулиус Баер, акциите на банката UBS паднаа за седум отсто во претпазарното тргување во понеделник наутро, додека акциите на Credit Suisse паднаа за 58 отсто.

Националната банка на Саудиска Арабија, која поседува 9,9 отсто од акциите во Credit Suisse, загуби 2,1 отсто од својата вредност.

Фото: Pixabay