
Економијата на Германија најверојатно ќе се намали и во првиот квартал, а базичната инфлација би можела да се покаже тврдоглава поради повисоките цени на услугите и индустриските стоки, предупреди Бундесбанката во месечниот извештај. Најголемата европска економија се намали за 0,4 отсто во последниот квартал од 2022 година, а нејзиниот огромен индустриски сектор само што почнува да закрепнува со силниот притисок од високата инфлација врз потрошувачката.
„Германската економска активност веројатно повторно ќе опадне во тековниот квартал“, објави Бундесбанк. „Сепак, падот веројатно ќе биде помал отколку во последниот квартал од 2022 година“, додаде централната банка. Иако рецесијата, дефинирана како два последователни квартали на опаѓање на активноста, сè уште е најверојатниот исход, пазарот на трудот се покажа како отпорен и централната банка очекува позитивните трендови на вработеност да продолжат.
Основна инфлација
Стапката на инфлација најверојатно силно ќе падне во март поради ефектот на споредбената основа, што ќе го намали растот на цените на енергенсите во однос на ланскиот март, но растот на цените сепак ќе биде непријатно висок.
„Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, се покажа како исклучително стабилна“, објави банката, додавајќи дека може дури и благо да се зголеми кон средината на годината. Основната инфлација во еврозоната, која ги исклучува нестабилните цени на храната и горивата, останува на високо ниво, поттикната од посилните зголемувања на цените на услугите и индустриските стоки, посочуваат тие.
Така, во февруари стапката на базичната инфлација беше повисока за 0,3 процентни поени отколку во јануари и повторно достигна 5,4 отсто, што беше во декември, што е нејзино највисоко ниво од објавувањето на податоците, предупреди Бундесбанката.











