Замрзнати цените на оризот и јајцата, се прават анализи за овошјето и зеленчукот

По лебот, тестенините и дел од млечните производи,  замрзнати се цените и на оризот и јајцата, а Владата анализира дали со бранот замрзнувања на цените на прехранбените производи да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот. Истовремено, на 70 проценти е ограничен и извозот на домашно производство на јајца од кокошка со цел да се избегне евентуален дисбаланс во понудата и да се спречи целосен извоз во соседството каде цената е повисока.

Стопанските комори, пак бараат Владата да престане со замрзнување на цените и да најде други механизми за помош на граѓаните како што се намалување на даноците и на ДДВ-то и да се интервенира преку државните резерви.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе одржи работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети во земјата.

Владата вчера ја замрзна цената на јајцата и оризот на нивото на цените кои се применувале на 15 март годинава во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата и трошоците што ги имале компаниите.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата рече дека во изминатиот период е утврден значаен пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.

Фото: Pixabay