Од Стопанската комора на Македонија на вчерашната прес-конференција посочија дека месните капацитети во државата ги задоволуваат потребите на домашниот пазар за свежо месо, а недостиг има за преработките што се надополнува со увоз од околу 90% говедско и 50% свинско месо.
Зголемување на увозот има кај свинското и живиното месо, а благо намалување кај говедското месо.
“Сточарското производство, кое е базата на месната индустрија, за жал, не бележи позитивни резултати во изминатата деценија. Според статистичките податоци, бројот на говедата е на исто ниво, односно околу 250.000 во изминатите 10-тина години со благи отстапувања, а има драстично намалување во овчарството каде во 2000 година имаше еден милион и триста, а сега едвај 600.000 овци. Намалување има и кај свињарството од 250 милијарди во 2000 година, до 176.000 свињи сега. Намалување има и кај живинарството”, истакна Васко Ристовски на прес-конференцијата.
Минатата година во делот на производството на месо произведени се 23.124 тони месо што е намалување во споредба со 2009 година.
“Според нашите анализи, целосно е задоволена понудата на свежо месо за потрошувачката на населението, меѓутоа за потребите на месната индустрија имаме недостиг. Тој недостиг се увезува согласно дадените дозволи од Агенцијата за ветеринарство”, рече Стојмирка Тасева.
Од Комората сметаат дека новиот правилник за квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производи од месо нема да претставува финансиско оптоварување ниту за компаниите, ниту за крајните потрошувачи.
Во Македонија работат над 30 капацитети за преработка кои ги исполнуваат високи стандарди.