
Холандската национална авиокомпанија KLM денеска го изрази своето изненадување што аеродромот Шипхол во Амстердам самоиницијативно објави мерки за намалување на бучавата, кои вклучуваат откажување на летовите.
Шипхол најави дека сака да ги прекине целите ноќни и приватните летови најдоцна до крајот на 2025 година, а исто така планира постепено да ги укине бучните авиони како што е Боинг 747, пренесува холандската државна телевизија.
KLM, чијшто матичен аеродром е Шипхол, рече дека претпочиташе таквите мерки да беа преземени по консултации.
„Како сектор, би сакале заеднички да осмислиме дополнителни мерки за намалување на емисиите на CO2 и загадувањето со бучава. Заедно можеме да дојдеме до алтернатива која ќе има широка поддршка од сите страни и од тие причини е ефикасна“, се наведува во соопштението.
KLM, исто така, изјави дека работи со други авиокомпании и индустриски организации на „визија“ што ќе биде доставена до холандското Министерство за инфраструктура и управување со водите најдоцна до средината на јуни.
Организацијата за заштита на животната средина Гринпис денеска соопшти дека е задоволна од плановите што ги објави аеродромот во Амстердам и ја пофали намерата за забрана на ноќните летови како „најмалку што можете да направите“.
Гринпис, исто така, ја пофали намерата на аеродромот да ги забрани приватните авиони.
Климатските активисти од оваа организација и движењето Extinction Rebellion скандираа „Долу летовите“ и „Шипхол – загадувач на животната средина“ кога го блокираа терминалот за приватни летови во 2022 година под аплауз на патниците.
„Оваа форма на транспорт во време на климатска криза е бесрамна и навистина веќе не е возможна. Драго ни е што Шипхол сега слуша“, објави Гринпис.
Фото: facebook











