Странците лани инвестирале 30 милиони евра во основање фирми во Црна Гора

Од вкупно 9.060 фирми што лани беа формирани во Црна Гора, речиси 80 отсто од нив се основани од странци со капитал од речиси 30 милиони евра, покажуваат податоците на Управата за приходи и царина (УПЦ).

УПЦ објави дека бројот на компании чии основачи биле странци е 7.070, а во повеќе од половина од случаите станува збор за руски државјани, кои основале 3.830 фирми во Црна Гора.

По нив, најбројни се турските државјани кои само минатата година основале 1.480 фирми. Далеку зад Русија и Турција на листата странски основачи на компании во Црна Гора се српските државјани кои основале 275 компании, веднаш потоа германски со 247 и украински со 200, пренесува агенцијата Мина, повикувајќи се на Вијести.

На петто место се граѓаните на Белорусија со 138 новоосновани компании, а потоа следуваат Италијанците, Британците и граѓаните на Босна и Херцеговина, кои во текот на минатата година отвориле помалку од 100 компании во Црна Гора.

Од УПЦ наведуваат дека активностите што ги вршат новооснованите компании на странски основачи се различни. Околу 12 отсто од вкупниот број, односно 873 компании, се занимаваат со трговија на големо или мало.