ММФ предвидува пет „слаби“ години за светската економија

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) најави дека светската економија ќе го доживее еден од најслабите периоди на раст во последните неколку децении и дека растот ќе биде помал од три проценти во 2023 година.

„И покрај силата на пазарот на труд и потрошувачката во повеќето напредни економии, како и закрепнувањето поврзано со повторното отворање на Кина, очекуваме раст од помалку од три проценти за 2023 година“, изјави директорката на ММФ, Кристалина Георгиева пред дипломатите во Вашингтон.

Претходниот извештај на ММФ за светската економија, на крајот на јануари, веќе предвидуваше раст од 2,9 отсто во 2023 година.

Ваков раст од околу три проценти ќе има и за следните пет години, рече директорката на ММФ и нагласи дека приоритет треба да остане борбата против инфлацијата.

Таа изрази загриженост за состојбата со јавните финансии во повеќето земји, бидејќи јавниот долг е зголемен речиси насекаде во светот, под влијание на пандемијата на корона вирусот, а потоа и поради последиците од руската инвазија на Украина.

Според неа, значајни се предизвиците на кои треба да се одговори, особено за да се овозможи еколошка транзиција на земјите во развој, чии потреби се проценуваат на 1.000 милијарди долари годишно во следните неколку години.

Фото: Pixabay