Автомобилскиот пазар во Кина закрепна во март

Кинескиот пазар на автомобили зајакна во март на годишна основа, според податоците објавени од страна на Кинеската асоцијација на производители на автомобили (CAAM). Производителите продале 2,45 милиони возила на дилери, што е за 9,7 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година.
Како што пренесува германската агенција dpa, продажбата на возила со алтернативни мотори, како што се електричните, исто така е зголемена за една третина на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Од друга страна, побарувачката на потрошувачите во малопродажбата беше пригушена, според податоците на кинеската асоцијација за патнички автомобили (China Passenger Car Association – PCA). Последниот минатата недела објави дека до потрошувачите биле испорачани 1,6 милиони автомобили, приближно исто како и ланскиот март.

По неколку години пад, кинескиот пазар на автомобили го забележа вториот последователен годишен раст во 2022 година. Откако беше оптоварен со строги мерки за спречување на епидемијата на Ковид-19 во Кина во ноември, бројот на испораки до клиентите на месечно ниво се зголеми за 50 проценти во декември, кога таа земја ги олесни ограничувањата.