Фолксваген и Мерцедес даваат гас на кинескиот пазар – ги чека жестока конкуренција и ценовна војна

Германските производители на автомобили се обидуваат да ги стигнат конкурентите на кинескиот пазар. Саемот во Шангај кој започна во вторник е можност. Стратегијата за електрификација на кинескиот пазар е во полн ек, според Volkswagen, чиј шеф Оливер Блуме најавува забрзување, пренесува dpa.

На Volkswagen и другите германски производители на автомобили не им оди баш најдобро во Кина. Секој четврти нов продаден автомобил во оваа земја е електричен. Сепак, за разлика од класичните модели, германските е-автомобили досега немаа важна улога на големиот кинески пазар. Домашните брендови се во предност во Кина.

Volkswagen ја закажа светската премиера на својот нов ID.7 за вечерта пред саемот. Компанијата полага големи надежи за својот нов електричен седан.

Во понеделникот вечерта Mercedes за прв пат во Шангај ја претстави електричната верзија на својот луксузен бренд Maybach.

Експертот за автомобилски пазар Фердинанд Дуденхефер предвидува големи предизвици за германските производители. Само во март, продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување падна за околу еден процент во Кина, додека продажбата на чисто електрични автомобили и plug-in хибриди се зголеми за повеќе од една четвртина.

Проблем ќе биде и тековната ценовна војна. „Тесла и кинеските производители имаат предност во однос на цените и трошоците за производство“, вели Дуденхефер.

Точно, моторите со внатрешно согорување сè уште заработуваат многу пари во Кина. „Но, оние кои не сакаат да ги загубат клиентите мора да направат големи отстапки во однос на цените и маржите со електричните автомобили.

Западните производители мора да ги приспособат своите производствени процеси на електричните автомобили, рече Дуденхефер. Кој ќе продолжи со тековните стратегии за цени и производство, ќе изгуби клиенти.