Македонските бизнис поволности презентирани во Чикаго

67

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, вчера присуствуваше на бизнис форум во Чикаго, на кој беа презентирани поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори.

Бизнис форумот, каде учествуваа триесетина претставници на американски компании од областа на автомобилската индустрија, медицината, енергетиката, инфраструктурата и бизнисот со недвижности, се одржа со поддршка на американската компанија Денстон.

Во своето обраќање пред американските бизнисмени  Груевски се осврна на поволностите за инвестиции кои ги овозможува нашата земја, а кои се огледаат во услужно ориентираната Влада, во пристапот до пазар од повеќе стотици милиони потрошувачи низ Европа за производите на странските компании кои функционираат во Македонија, на ниските трошоци и едуцираната работна сила.

На бизнис форумот се обрати и познатиот американски бизнисмен со македонско потекло Мајк Зафировски кој е еминентен член на американската бизнис заедница и претседател на одборите на директори на повеќе американски компании. Тој ги охрабри бизнис лидерите од Чикаго да ја земат во предвид Македонија во своите размислувања и анализи за проширување на бизнисите во Европа, давајќи силна гаранција околу условите за водење бизнис во нашата земја.

Вицепремиерот Ставрески се осврна на конкретните полиња на интерес во економијата во кои американските бизнисмени можат да инвестираат. Тој го истакна напредокот на Република Македонија и на меѓународните листи кои ја оценуваат бизнис климата во земјите.

Министерот Веле Самак ги истакна позитивните ефекти од можностите за ангажирање на едуцирани работници кои придонесуваат во продуктивноста и профитабилноста на инвеститорите.

Директорот Висар Фида ги акцентираше можностите кои се нудат во технолошко индустриските развојни зони, и услужната ориентираност кон потенцијалните инвеститори на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Американските бизнисмени присутни на настанот изразија позитивни оценки за македонските поволности и можностите за инвестиции кои ги нуди нашата земја.

“Ваквите настани се исклучително потребни за фирми како нашите. Јас сум во бизнисот со еквити фондови, и на овој начин можеме да ги увидиме и разбереме условите во Македонија. Позитивно е што една земја носи министри за да се сретнат со бизнис лидерите во Чикаго и да разговараат и да се соочат со нив. Нема земја во Југоисточна Европа која прави толку многу за да го обезбеди економскиот развој и да покаже транспарентност за да се промовира како место во кое што сака западните компании да инвестираат”, истакна бизнисменот од Чикаго Ендру Магличели од компанијата Марун капитал груп.

Владината делегација денес ќе присуствува на бизнис форум во Бостон.