Во Европа има 15 активни проекти за експлоатација на литиум

Вишиот геолог во Германската агенција за минерални ресурси (ДЕРА), Михаел Шмит, рече дека повеќе од 15 проекти за ископување литиум во моментов се во различни фази на развој во Европа.

Тој за Демостат прецизира дека проектите се лоцирани во Шпанија, Португалија, Финска, Франција, Австрија, Германија, Чешка, Босна и Херцеговина, Србија и други земји.

Според Демостат, целта на ЕУ е јасна – неопходно е да се намали зависноста на Европа од Кина кога станува збор за клучната суровина за батерии, пренесува Бета.

За да се постигне ова, Европа мора да ги експлоатира и сопствените наоѓалишта на литиум, кои се наоѓаат во неколку земји. Кандидати се, меѓу другите, Германија, Чешка, Франција, Португалија, но ЕУ смета и на Србија, пишува Демостат.

Европа има потенцијал да извлече и преработи дел од потребниот литиум, но, според Демостат, „ЕУ е свесна дека, за да се случи тоа, неопходно е да се надминат пречките, пред се протестите на локалното население и долги процедури за одобрување на проекти, но и за исполнување на високи еколошки стандарди“.

Шмит изјави дека Европа има потенцијал значително да се снабдува со литиум од своите наоѓалишта во 2030 година – до 40 проценти од претпоставената побарувачка.

Фото: Pixabay