
Продажбата на електрични автомобили оваа година треба да го собори минатогодишниот рекорд, барем според прогнозата на Меѓународната агенција за енергетика.
Во 2022 година ширум светот се продадени 10 милиони електрични автомобили, а годинава нивната продажба би требало да се зголеми за 35 отсто, односно да достигне бројка од 14 милиони.
Ова би бил голем успех ако се земе предвид дека во 2020 година учеството на електричните автомобили во вкупната продажба на автомобили беше само четири отсто, а минатата година се зголеми на 14 отсто.
Електричните автомобили најмногу се продаваат во Кина, Европа и САД. Дури 60 отсто од глобалната продажба на овие возила се одвива во Кина.
Според прогнозите на Агенцијата, доколку продолжи ваквиот тренд на продажба на електрични возила, тоа значително ќе се одрази на нафтената индустрија, бидејќи до 2030 година ќе ја намали потрошувачката на оваа енергија за пет милиони барели дневно.
Но, за да продолжи овој тренд, потребно е дополнително подобрување на инфраструктурата, но и обезбедување на производство на литиумски батерии, кое во моментов е проблематично насекаде во светот. Засега, наводно, има доволно суровина за производство на батерии до 2030 година, но производителите се уште бараат нови добавувачи.
Фото: Pixabay











