Додека некои најавуваат нов раст на Биткоинот, познат инвеститор тврди: „Криптопазарот е мртов во САД“

Инвестирањето во криптовалути е доста ризично бидејќи нивната вредност може да се удвои за кратко време, а исто толку брзо може да потоне во минус. Затоа финансиските експерти постојано предупредуваат дека доколку веќе сакате да инвестирате во криптовалути, најдобро е да вложите пари кои сте подготвени да ги изгубите.

Се разбира, не сите следат таква теорија, па за време на големиот пораст на цената на криптовалутите, многумина земаа заеми за да купат биткоин, етер и други виртуелни валути за на крајот да ги продадат по многу пониска цена од онаа што ја купиле. Неодамна, на задоволство на бројни сопственици на криптовалути, трендот повторно е позитивен. Сопствениците на биткоинот претходно со неверување гледаа како вредноста на оваа валута потона од речиси 60.000 долари на под 16.000 долари, за сега повторно да биде блиску до 30.000 долари.

Што ќе донесе иднината очигледно е тешко да се предвиди, но некои аналитичари, како и вештачката интелигенција, сметаат дека пазарот се соочува со голем и незапирлив раст. Предвидувањата на некои банки велат дека до крајот на 2024 година биткоинот би можел да достигне вредност од 100 илјади долари.

Меѓутоа, со ваквите предвидувања не се согласува Чамат Палихапитија, милијардер и инвеститор кој претходно изјави дека вредноста на еден биткоин може да достигне и до 200 илјади долари. Сега се предомисли. Имено, тој смета дека крипто-пазарот во САД е мртов, покажувајќи со прст кон регулаторите кои, како што рече во неодамнешниот подкаст, го имаат на нишан крипто-пазарот. Како еден од доказите го наведе коментарот на првиот човек на Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC), Гери Генслер, кој дури ги обвини криптовалутите за банкарската криза.

Фото: Facebook