Банките во еврозоната воведуваат сè построги услови за одобрување кредити, а компаниите и домаќинствата сè помалку позајмуваат од банките, е заклучокот од истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).
Според резултатите од априлското истражување на ЕЦБ за заемите на банките во еврозоната (BLS), објавени денеска, банките од еврозоната воведоа значително поригорозни внатрешни регулативи за кредитирање во првиот квартал.
Условите за одобрување кредити за компаниите и купување недвижен имот се построги од очекувањата на самите банки во претходниот квартал, се наведува во извештајот на ЕЦБ, а повеќе од една четвртина од анкетираните банки – 27 отсто од нив, објавиле дека имале заострени услови за кредитирање на компаниите.
Околу 19 проценти од банките имаат потешкотии да одобруваат кредити за купување недвижен имот, додека 10 проценти од банките воведоа дополнителни пречки за потрошувачки и други кредити поврзани со домаќинствата.
Од друга страна, компаниите и домаќинствата сè помалку се задолжуваат кај банките поради високите каматни стапки и други фактори. Во драстичен пад е интересот на компаниите за задолжување кај банките, значително е намален интересот за кредити за купување недвижен имот, а помал интерес има и за потрошувачките кредити.