Претставници на компанијата Кутурбес травел, за време на бизнис форумот во Бостон најавија дека од мај и септември 2014 година, планират да организираат патувања за Американците во Македонија, аранжман што чини осум илјади долари.
Имено, Кети Кутрубес од компанијата Кутрубес Травел рече дека нејзиниот бизнис проект за реализација на туристички посети на американски граѓани во Република Македонија се одвива добро и е во напредна фаза.
“Работиме на проект од областа на туризмот во соработка со археолошкото друштво на САД, проект кој опфаќа носење туристи за да ги посетуваат туристичките знаменитости. Моментално го развиваме проектот во соработка со Инвест Македонија и се надеваме дека проектот ќе започне во мај и во септември 2014 година. Тоа е еден висок вид туризам при кој туристите трошат и до 8.000 долари по тура и мислам дека е проект на иднината”, додава Кутрубес.
Сопственичката на американската текстилна компанија Блустон, Бети Џеко, истакна дека ја разгледува опцијата за ангажирање на македонски текстилни компании во функција на нејзиниот бизнис.
“Што се однесува до мојата компанија, јас сум заинтересирана да обезбедам нови снабдувачи на текстилни производи од Македонија, и јас всушност ја посетив Македонија, ги посетив текстилните компании, и видов дека се многу професионални, искрени и трудољубиви луѓе”, рече Џеко.
На форумот кој се организираше во соработка со бизнис центарот на Масачусетс, присуствуваа претставници на 40 компании од САД, од областа на текстилната индустрија, туризмот, производството, образованието и медицината.
Премиерот Груевски пред бостонските бизнисмени ги истакна најнискиот даночен пакет во Европа кој постои во нашата земја, обезбедените пазари од над 600 милиони потрошувачи преку договорите за слободна трговија, поволностите во технолошко индустриските развојни зони и едуцираната работна сила.