Потрошувачите во еврозоната очекуваат намалување на инфлацијата

Потрошувачите во еврозоната ги намалија очекувањата за инфлација, покажаа во вторникот резултатите од истражувањето на Европската централна банка. Тоа доаѓа како олеснување за европските креатори на монетарна политика по неочекуваниот пораст еден месец претходно, иако основниот пораст на цените веројатно ќе потрае некое време.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за вкупно 375 базични поени (3,75 отсто) во текот на изминатата година во обид да ја ограничи инфлацијата. Според очекувањата на ЕЦБ, инфлацијата нема да се спушти до целта од два отсто пред 2025 година. Брзиот раст на платите и силната побарувачка за услуги го задржуваат притисокот врз цените, пишува Ројтерс.

Просечните очекувања за нивото на инфлација во следните 12 месеци паднаа од пет отсто во март на 4,1 отсто во април. Истовремено, очекувањата за следните три години паднаа на 2,5 од 2,9 отсто, објави ЕЦБ врз основа на резултатите од месечното истражување спроведено во најголемите земји од еврозоната, со 14.000 испитаници.

Многу од креаторите на политиката на ЕЦБ сметаат дека новото зголемување на каматната стапка во јуни е неизбежно и дека тоа треба да се повтори во јули за да се стави под целосна контрола инфлацијата, која во мај изнесуваше 6,1 отсто. Некои од најцврстите застапници на строгата политика на ЕЦБ веруваат дека поминал најлошиот период на инфлација.

Сепак, претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, тврди дека не е сигурно дека каматните стапки ќе го достигнат врвот во текот на летото. Од друга страна, неговиот француски колега, Франсоа Вилерој де Гало, рече дека смета оти зголемувањето на каматните стапки ќе заврши до крајот на летото.

Очекувањата на потрошувачите би можеле да влијаат на одлуката на ЕЦБ за нови зголемувања на каматните стапки. Потрошувачите очекуваат поскромна војна за платите и се помалку песимисти за растот во еврозоната и ги намалија нивните очекувања за невработеност.