Глобалната побарувачка слабее – Пад на кинескиот извоз за 7,5 отсто во мај

Кинескиот извоз падна во мај за прв пат во последните три месеци, зголемувајќи ги ризиците во втората по големина економија во светот, бидејќи глобалната побарувачка слабее. Кинеските испораки во странство паднаа за 7,5 отсто во однос на мај минатата година на 284 милијарди долари, покажаа официјалните резултати во средата.

Извозот во повеќето земји е намален, а двоцифрен процентуален пад на извозот е забележан за САД, Јапонија, Југоисточна Азија, Франција и Италија, пренесува Блумберг.

Во исто време, увозот во Кина се намали за 4,5 отсто на 218 милијарди долари, што е подобро од очекуваниот пад од осум отсто, оставајќи трговски суфицит од 66 милијарди долари. Падот на кинескиот увоз од Јужна Кореја и Тајван е повеќе од 20 отсто, што е знак за слабост на глобалната побарувачка за електроника.

Експанзијата на извозот претходно оваа година беше светла точка за кинеската економија, помагајќи и да го поддржи закрепнувањето откако Пекинг ги напушти строгите правила против ширењето на пандемијата. Сепак, неодамнешните податоци покажуваат дека закрепнувањето е ослабено, со намалување на производната активност во мај и забавување на растот на продажбата на станбен имот.

Падот на извозот покажува како забавувањето на глобалната економија почнува да влијае на Кина, а економистите предвидуваат дека извозот на Кина севкупно ќе се намали оваа година. Падот на кинескиот извоз и увоз е показател дека слабата побарувачка дома и во странство го попречува закрепнувањето.

Аналитичарите велат дека разочарувачките податоци веројатно ќе го принудат Пекинг да обезбеди повеќе стимулации за да го поттикне растот. Дел од економистите очекуваат централната банка да ја намали стапката на задолжителна резерва за банките во наредните месеци, а споменуваат и намалување на каматната стапка во наредните месеци.