
Германија во последните години извезла значително помалку пластичен отпад во странство, објави во вторникот Сојузниот завод за статистика во Визбаден.
Лани се извезени околу 745.100 тони пластичен отпад, што значи дека во последните 10 години таа количина е намалена за 51 отсто, покажуваат податоците.
„Една од причините за тоа се увозните ограничувања што некои азиски земји ги воведоа за пластичен отпад“, објаснуваат од канцеларијата.
Во 2012 година, на пример, од Германија се извезени околу 1,5 милиони тони. Во однос на претходната 2021 година е забележано намалување од 9%.
Федералната канцеларија ги објави податоците по повод претстојниот Светски ден на океаните во четврток. Според проценките, околу 270.000 тони отпад плови во светските океани.
Според Заводот за статистика, лани најмногу пластичен отпад бил извезен во Холандија. Со речиси 153.300 тони, 21% од целиот извезен пластичен отпад отишол во соседната земја, која со пристаништето во Ротердам има важна претоварна точка за поморскиот сообраќај.
Втората и третата земја по големина извозник беа Турција (околу 92.400 тони) и Полска (околу 81.800 тони).
Во споредба на ниво на ЕУ, Германија е најголемиот извозник на пластичен отпад. Сепак, јазот со другите земји е значително намален во споредба со претходните години.
Обединетите нации преговараат за меѓународен договор за пластика. До 2024 година треба да се состави конвенција со која ќе се воспостават обврзувачки правила и мерки за целиот животен циклус на пластиката.











