
Европската комисија во средата објави дека ќе одвои 1,2 милијарди евра за иницијативи за ментално здравје низ Европската унија и ќе ја направи столб на здравствената политика.
„Денеска е нов почеток за сеопфатен, ориентиран кон превенција пристап кон менталното здравје на ниво на ЕУ“, рече во изјавата Стела Киријакидес, еврокомесар за здравје и безбедност на храна.
„Треба да ја срушиме стигмата и дискриминацијата за да можат оние на кои им е потребна помош и да ја добијат потребната поддршка. Наша должност е да обезбедиме секој што бара помош да има пристап до неа“, рече таа, според Ројтерс.
Комисијата соопшти дека проблемите со менталното здравје веќе погодувале околу 84 милиони луѓе пред пандемијата Ковид-19 со економски трошок од околу 600 милијарди евра (865,4 милијарди американски долари) годишно, или четири отсто од БДП на блокот.
Ситуацијата се влоши по пандемијата поради војната во Украина, загриженоста за климатските промени и зголемените трошоци за живот поради зголемената инфлација.
На прес-конференција, потпретседателот на Комисијата Маргаритис Схинас ја нарече ситуацијата „тивка епидемија“ и рече дека ова прашање е последното парче од „сложувалката“ на Европската здравствена унија.











