
Тајванскиот производител на компјутери Acer испорача компјутерски хардвер во Русија во вредност од најмалку 70,4 милиони долари во периодот од 8 април 2022 година до 31 март 2023 година, што е спротивно на најавата на тајванската компанија дека ќе ја прекине испораката во Русија.
Иако не се нелегални, пратките на Acer се во спротивност со постапките на неговите главни ривали како што се Dell и HP, според Ројтерс, кој ги видел царинските податоци. Споменатите ривалски компании ги прекинаа испораките за Русија во февруари и април минатата година, по почетокот на војната во Украина.
Записите покажуваат дека опремата произведена од Acer била испорачана во Русија преку подружницата на тајванската компанија во Швајцарија. Бидејќи пратките потекнуваат надвор од Тајван, тие не ги прекршиле санкциите на Тајпеј против Русија, ниту пак вклучувале предмети што биле ограничени од швајцарскиот режим на санкции во моментот на извозот.
Меѓутоа, во април минатата година, Acer објави дека поради „неодамнешните настани“ одлучил да ги прекине своите операции во Русија. Како одговор на прашањето за извоз во Русија преку Швајцарија, Acer одговори дека „строго се придржува до важечките меѓународни регулативи и трговските закони во врска со извозот во Русија“.
Швајцарските санкции, во согласност со ЕУ, дозволија извоз на лаптоп компјутери и компјутерски компоненти во Русија до 16 декември 2022 година, а по тој датум немаше испораки на новозабранетите предмети во Русија од Швајцарија, тврди Acer.











