Цените на нафтата на светските берзи се во благ пад

Според податоците на веб-страницата OilPrice во саботата, цената на нафтата брент е 74,79 долари за барел, додека нафтата од Тексас WTI, репер за американскиот пазар, е 70,17 долари.

Цените на нафтата се стабилизираа во петокот на меѓународните пазари под 76 долари, бидејќи загриженоста за побарувачката поради знаците за забавување на економијата ја спротивстави најавата на Саудиска Арабија за намалување на производството. Ден подоцна, во саботата забележаа помал пад.

На почетокот на неделата цените нагло пораснаа откако Саудиска Арабија објави дека во јули ќе го намали производството за еден милион барели дневно, пренесува  SEEbiz.

Трговците во средата беа преокупирани од падот на кинескиот извоз во мај и скокот на залихите на гориво во САД, што тие го толкуваа како сигнал за забавување на економијата и послаба побарувачка. Стравувањата беа дополнително поттикнати од остриот пад на цените на производителите во кинеската индустрија.

„Вниманието сега ќе се врати на кревката побарувачка“, смета Стивен Бренок од PVM.