Нов план на европската унија за Западен балкан: ЕВРОПА СЕГА

141

Нови можности за „да ја донесеме ЕУ дома“, се отворија минатата недела со објавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен на новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија и нивна економска поддршка. Планот може да се сфати како подадена рака кон земјите од регионот, чиј процес на пристапување низ годините беше проследен со голем број предизвици. Како што посочи и самата Фон дер Лајен на GLOBSEC форумот во Братислава – „новиот пристап на ЕУ е не само да бара од партнерите да направат чекор кон ЕУ, туку и ЕУ да направи голем исчекор кон нив, а заедничка цел е да се забрза процесот“.

Ако се суди според најавата, планот е да се почувствуваме како дел од Унијата преку повеќе поволности за земјите од Западен Балкан и нивните економии. Ова е мошне охрабрувачка порака, особено во еден специфичен период, кога на европско тло се води војна, ЕУ-оптимизмот во регионот варира, а на национално ниво сме пред политичко премрежие. Истовремено, сите сме исцрпени од неколкуте напоредни глобални економски кризи коишто се случија во изминатите три години. Позитивниот моментум треба да се искористи, како од аспект на процесот на пристапување кон Унијата, така и од аспект на „носењето на ЕУ дома“, реформите и можноста за ползување на придобивките од членството дури и пред да станеме членки.

Четири столба за развој на Западен Балкан

Согласно најавата на претседателката на ЕК, новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до Европската Унија се базира на четири столба: 1) Приближување до единствениот пазар на ЕУ, 2) Регионална економска интеграција, 3) Забрзување на фундаменталните реформи и 4) Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови. Најавениот пакет има навистина широк опфат и економските придобивки од истиот се многукратни. Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почуствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Најверојатно, најавениот пристап ќе се однесува на еден негов поголем сегмент, односно дигиталниот единствен пазар, кој се однесува на размена на стоки и услуги преку дигитални канали. Тој вклучува области како е-трговија, кибер-безбедност и олеснување на платежните услуги и трговија со стоки. Заедничкиот регионален пазар може да помогне во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но исто така, регионалната економска интеграција е суштинска за отклучување на огромниот економски потенцијал во регионот и го прави истиот поатрактивен за странските инвеститори. Ист е случајот и со претпристапните реформи, бидејќи владеењето на правото и ефикасното и кредибилно правосудство се позитивен сигнал за странските инвеститори, додека зелената транзиција и обезбедувањето на енергетска одржливост се клучни за стабилност и одржлив раст. Ургентно е потребен раст на инвестициите во регионот, кој ќе го подигне стандардот на живеење и ќе помогне во приближувањето до ЕУ. Како што беше споменато, планирано е зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан, кои ќе ја стимулираат економската активност и ќе креираат дополнителен фискален простор.

Планот на ЕУ и националниот План за забрзување на растот

Евроинтеграциите се моја постојана инспирација и како автор. Многупати сум дал осврт, како преку економската теорија, така и преку емпириски анализи, за придобивките од заедничкиот европски пазар, значењето на членството за странските инвеститори, поттикнувањето на конкурентноста на домашните фирми, подобрувањето на условите за водење на бизнис, значењето на претпристапните фондови за економијата и условите за живеење итн. „Да ја донесеме Европа дома“ отсекогаш била аксиомата по која сум се водел и залагал во креирањето и спроведувањето на политиките, имајќи ја предвид крајната цел на интеграциите, а тоа е обезбедување економски напредок и благосостојба за нашите граѓани. Во оваа насока е и нашиот План за забрзување на економскиот раст кој се темели на истите премиси и ја има истата цел. Имајќи го ова во вид, а интригиран од новопретставениот план на ЕУ за Западен Балкан, оваа колумна ја посветив на споредбена анализа на двата плана и стратегијата која треба да ја спроведат, како и синергијата која може да произлезе од напоредното спроведување на националниот и европскиот развоен план.

Пред се, ако ја анализираме структурата на планот на ЕУ, таа е насочена кон економско зајакнување и поврзување на регионот, подобрување на конкуретноста на економиите и зголемување на инвестициите. Доколку се разгледа националниот План за забрзување на растот, може да се заклучи дека голем дел од структурата е иста, како и целите. Преку имплементацијата на двата плана, поддршката на Европската Унија и јасната перспектива за крајната цел, „носењето на Европа дома“, односно обезбедувањето на благосостојба за граѓаните нема да изостане.

Економско поврзување и единствен пазар

Несомнено најголема придобивка и двигател на економскиот развој на ЕУ е единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила. Единствениот пазар на ЕУ овозможува слободно движење на стоки, услуги, граѓани и капитал, без царини, квоти и визи и слободен трансфер на капитал за физички и правни лица. Заедничкиот пазар поставува заеднички вредности и стандарди, им помага на фирмите да растат и ја поддржува иновативноста. Заедничкиот пазар бара сите да произведуваат според истите правила и стандарди, што креира доверба на потрошувачите во квалитетот на производите, како и доверба во производствениот процес и од аспект на запазување на правата на работниците и од аспект на заштита на животната средина. Од друга страна, единствениот пазар е шанса за компаниите, особено за малите компании, да привлечат нови потрошувачи и инвестиции, за  понатаму да растат. Ова е многу значајно и од аспект на синџирите на добавување кои овозможуваат полесен пристап до нови добавувачи. Истовремено, единствениот пазар е дел од одговорот на глобалните проблеми, како климатските промени, преку развој на циркуларна економија и ползување на придобивките од дигиталната револуција, како и иновативните решенија.

Теоријата на компаративни предности на Давид Рикардо вели дека секој треба да го произведува она за што има компаративни предности, за да  преку таквата специјализација се постигне поголема продуктивност и се намалат трошоците по единица производ. Од друга страна, теоријата на компетитивни предности на Мајкел Портер, а согласно ендогентите теории на раст како движечка сила на растот се гледаат иновациите, човечкиот капитал, инфраструктурата и финансискиот капитал. Гледајќи низ призма на нашата економија, нашите претпријатија излегувајќи на европскиот пазар ќе можат да ги користат придобивките од понудата на компаративните предности и постигнувњето на економија од обем при производството, но, исто така, ќе бидат поттикнати кон усовршување на своите производи, иновирање, што ќе ги направи поконкурентни. Притоа, Владата со инвестиции во подобрување на инфраструктурата, зајакнување на човечкиот капитал, како и поддршка на инвестициите и иновациите во приватниот сектор ќе придонесе во подобрување на конкуретноста на нашата екномија, поттикнување на инвестициите и забрзување на економскиот раст. Тука секако би го додал и доброто владеење, како во однос на владеењето на правото, така и во однос на зајакнување на капацитетот на институциите и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Според овие премиси, националниот План за забрзување на економскиот раст содржи механизми за поддршка на конкурентноста и иновативноста на домашните претпријатија, преку овозожување пристап до финансии и фондови, како и други инструменти за поддршка на извозот и развојот на компаниите.

Кога станува збор за регионалното поврзување, треба да се спомене дека Западен Балкан во изминатите две децении забележа значаен економски и општествен прогрес, како и дека со популација од 17,6 милиони граѓани, како пазар е предизвик за малите економии во развој кои го сочинуваат. Иницијативата за поврзување во еден пазар постоела низ и годините и направени се одредени чекори. Сепак, имајќи ги предвид придобивките кои можат да произлезат од понатамошна интеграција на пазарите во регионот, ЕУ го поставува прашањето за единствен пазар на Западен Балкан како столб во планот за развој на регионот. Пристапот до нови потрошувачи, јакнењето и пристапот до нови синџири на добавување, намалувањето на трошоците за извоз и јакнење на конкурентноста на производите во регионот, зголемувањето на атрактивноста за странските инвеститори, како единствен пазат – сите овие фактори би влијаеле на економско јакнење на регионот и поттикнување на економскиот раст. Оттаму, како и во случајот со единствениот пазар на ЕУ, придобивките од поврзување во регионот не треба да се занемарат, напротив, тие се важен фактор во понатамошниот развој на земјите во Западен Балкан, како и услов за продолжување во нивиот европски пат. Од аспект на националната политика, мултилатералните иницијативи за поврзување во регионот остекогаш биле прифаќани со ентузијазам, додека од аспект на поддршката на компаниите за пласман на регионалниот пазар, како и во претходниот случај со европскиот пазар, имаме повеќе алатки со кои би ги поддржиле за настап на истиот.

Структурни реформи

Кога станува збор за структурните реформи за унапредување на системот и администрацијата за демократско општество и пазарна економија, ќе напоменам дека мерките и политиките кои ги предвидовме и спроведуваме за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, се во насока и на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Од исклучителна важност тука е концептот за фискална одржливост, за кој се залагаме и за кој имаме одделен акциски план, а во тој контекст и одржување на макроекономска и финансиска стабилност. Тука се и мерките за поттикнување на фискалната децентрализација, обезбедување  локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Истовремено, дејствуваме и во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Од аспект на поддршката на конкурентноста на фирмите, покрај финансиската поддршка, ќе ги споменам и мерките кои се преземаат во однос на развојот на човечкиот капитал и адекватност на понудата на пазарот на трудот. Преку сеопфатна стратегија за развој на човечкиот капитал во земјава се третираат сите области кои придонесуваат кон подигнување на неговиот квалитет, преку инвестиции во образиванието, здравството и социјалната заштита. Исто така, преку активните мерки на пазарот на труд и континуирано подигнување на фондовите наменети за нив се дејствува кон зголемување на адекватноста на работната сила кон актуелната потреба на компаниите.

Дополнители фондови од ЕУ и инвестиции

Последен и многу значаен столб како во Планот за раст на ЕУ, така и во националниот План за забрзан раст е поттикнувањето на инвестициите, како приватните, така и јавните инвестиции, кои ќе придонесат кон креирање  нови вредности, поттикнување на економската активност и обезбедување  подобри услови за живот за граѓаните и економски развој. Во таа насока ЕУ најави нови фондови што ќе бидат достапни за Западен Балкан, а коишто ќе имаат за цел  економски развој на регионот. Иако сумата на фондовите не беше спомената, без двоумење ЕУ низ годините дава огромна поддршка и е партнер за развој на Западен Балкан. Гледајќи го само примерот на нашата земја, во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата земја се проценува на над 3,3 милијарди евра преку грантови и макрофинансиска поддршка.

Дискутирајќи за нашиот национален План за поддршка на економскиот раст, ќе напоменам дека во истиот е предвидена амбициозна среднорочна рамка од 4 милијарди евра во јавни инвестиции, главно крупни инфраструктурни проекти, кои би повлекле двојно толку инвестиции во приватниот капитал, како резултат на мултипликативниот ефект на планот. Во рамки на стратегијата за мобилизација на капитал, покрај развојните фондови на меѓународните организации, планирани се повеќе финансиски инструменти за мобилизација пред се на домашниот капитал за развојни цели, меѓу кои и развој на пазарот на државни хартии од вредност.

За подадената рака

На крајот на моето излагање на оваа тема, навистина кусо со оглед на ширината на проблематиката, би заклучил дека пред нас е историска шанса за решавање на еден децениски порив и цел и долгорочно обезбедување подобар живот за нашите граѓани. Препознаената шанса е половина од остварената цел. Треба да ја прифатиме подадената рака на ЕУ, да работиме на подобрувањето на условите за живот во нашата земја, да ја донесеме Европа дома и да станеме дел од неа. Тоа може да го направиме само со имање  јасна цел и поставување на националните пред личните интереси. Водење на добра политика е секогаш да ја имаш  предвид економијата, бидејќи економијата е онаа што пресудува за квалитетот на живот на нашите граѓани.

 Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесим