Кој е Александар Сорос, човекот кој ја презема империјата на својот татко вредна 25 милијарди долари

Американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос (92) му ја предаде целата своја империја и богатство од дури 25 милијарди долари на својот син Александар Сорос (37).

Александар Сорос е чест гостин на лидерите на земјите од Западен Балкан, од српскиот претседател Александар Вучиќ до албанскиот премиер Еди Рама.

Сорос Јуниор е жесток поддржувач на иницијативата Отворен Балкан, која ја туркаат српскиот и албанскиот претседател Александар Вучиќ и Еди Рама, пренесува Инвеститор.ме.

„Алекс го заслужи тоа“
Џорџ Сорос, милијардерот и основач на „Фондот за отворено општество“ го потврди преносот на сопственоста на својот син преку неговиот портпарол, а потоа во ексклузивно интервју во кое разговараше заедно со Александар за „Волстрит журнал“ изјави дека „Алекс заслужил тоа“.

„Претходно, принципиелно не сакав едно од моите деца да ја преземе фондацијата. Мислев дека треба да го води некој кој најмногу одговара за таа улога, но се предомислив. Алекс заслужи да ме наследи“, изјави Џорџ Сорос за американските медиуми.

Британскиот „BBC“ пренесува нови детали од интервјуто и истакнува дека Алекс, кој е четврто дете на Сорос, е многу пополитички настроен од неговиот татко. Тој самиот изјави дека планира да вложи големи суми пари на следните претседателски избори во САД за да го спречи Доналд Трамп воопшто да се кандидира на изборите.

„Колку и да би сакал да се дистанцирам од политиката, тоа е невозможно додека другите, нашите противници, вложуваат толку пари во политички кампањи. Ќе се вклучам во кампањата за да го спречам Доналд Трамп повторно да стане претседателски кандидат“, изјави наследникот на Сорос.

Алекс, инаку, има диплома по историја и во декември стана претседател на Управниот одбор на „Фонд за отворено општество“. Британските медиуми пренесуваат дека тој сака лудо да се забавува и дека често го гледаат во друштво на познати личности. Најмногу сака да се забавува во Кан и Хемптон и е голем љубител на хип-хоп музиката.

Исто така, познато е дека Алекс има најдобар однос со својот татко отколку неговите браќа и сестри.

Најстариот син на Сорос и постариот полубрат на Алекс, Џонатан Сорос, основач и главен извршен директор на приватната инвестициска фирма „ЈС Капитал Менаџмент“, претходно беше познат како „јасен наследник“, пишува Журнал. Не е познато зошто милијардерот одлучил да му ја довери деловната империја на својот помлад син, истакнува Би-би-си.

Фото: Facebook