
Сè повеќе луѓе, особено млади луѓе, сакаат да се обидат во финансиските работи – преку инвестирање во акции и други форми на инвестирање. Во тоа им помагаат т.н „финфлуенсери“. Еве неколку работи што треба да ги знаете за нив.
Што очекуваат следбениците од финфлуенсери?
Финфлуенсерите, односно инфлуенсерите на Интернет кои даваат финансиски совети, ги „покриваат“ потребите на оние свои следбеници кои сакаат да заработат, а некои дури и се збогатуваат. Истовремено, има и такви кои се плашат од сиромаштијата во староста, односно од стравот дека во староста нема да имаат доволно пари за пристоен живот. Во исто време, има и многу млади луѓе на кои им е јасно дека мора да направат нешто околу тоа.
Интересот на младата популација за инвестирање во акции и други облици на осигурување за старост е значително зголемен по берзанскиот бум во 2020 година. Што се однесува до конкретни бројки, тоа изгледа вака: во 2017 година, според Германскиот институт за хартии од вредност, таму беа околу 905.000 млади акционери (помеѓу 14 и 29 години). Четири години подоцна, во 2021 година, веќе имаше 1,4 милиони луѓе на возраст под 30 години во Германија кои инвестираа пари на берзата.
Кои се финфлуенсери?
Финфлуенсерите се претежно млади луѓе кои работат за млади луѓе – тие го зборуваат нивниот јазик, ги користат истите медиуми и социјални мрежи. Сепак, многу финфлуенсери не станаа активни на овој начин до бумот на берзата. Често тоа се млади луѓе кои попатно се вклучуваат во овие активности, односно луѓе кои започнале свој блог или видео канал додека студирале или работеле друга работа.
Во меѓувреме, некои од нив доста добро се етаблираа на пазарот, па ангажираат соработници и можат да се пофалат со одржлив бизнис модел.
Какво знаење имаат финфлуенсери?
Меѓу нив има економисти или поранешни вработени во компании активни во финансискиот сектор. Тоа се луѓе кои го пренесуваат своето знаење и кои станале независни претприемачи. Исто така, има многу жени меѓу финфлуенсери кои ги таргетираат женските следбеници. Често се работи за луѓе кои потекнуваат од сосема друга гранка, но интензивно ја проучувале оваа тема.
Што точно прават финфлуенсери?
Нивото на информации што го нудат се разликува кога станува збор за квалитетот и разликите се огромни. Финфлуенсери на TikTok или Instagram, на работилници или предавања, нудат солидно основно знаење за светот на финансиите. Тоа се теми како „како да се отвори портфолио“, „што е ЕТФ“, „какви планови за штедење има“ или „зошто е важно да се осигурате за старите денови“. Ова знаење може да се пренесе на публиката на добар начин преку видео клипови, подкасти или во текстови.











