Растат цените на нафтата

83

Забавувањето на американската инфлација и решеноста на Кина да ја поттикне економијата ги подигнаа цените на нафтата во средата наутро додека пазарот ја чекаше одлуката за каматната стапка на американската централна банка и официјалниот неделен извештај за залихите на нафта во САД.

Од претпладневното тргување во Европа, цената на референтната нафта „брент“ порасна за повеќе од еден процент и надмина 75 долари за барел. За околу еден процент поскапе и американската сурова нафта WTI (West Texas Intermediate), а нејзината цена порасна на повеќе од 70 долари за барел, пренесува OilPrice.

Цените на нафтата беа малку повисоки во Европа во средата и покрај проценката на Американскиот институт за нафта (API) во вторникот дека залихите на сурова нафта во САД се зголемија за повеќе од 1 милион барели минатата недела. Се проценува дека се зголемени и залихите на бензин и дестилати.

Цените на нафтата продолжија да растат во вторникот, првенствено поради подобрите податоци за инфлацијата во САД и доказите дека Кина веќе презема чекори за зајакнување на нејзиниот економски раст. Кинеската централна банка ја намали својата клучна краткорочна каматна стапка за прв пат во последните 10 месеци, сигнализирајќи дека сака да го поттикне економското закрепнување.

Кина, најголемиот увозник на сурова нафта во светот, исто така размислува за широк стимулативен пакет за поддршка на економијата, објави Блумберг, повикувајќи се на сигурни извори.