
Годишната стапка на инфлација во еврозоната падна на 6,1 отсто во мај од 7,0 отсто во април, потврди денеска Евростат.
Ова е конечната бројка за мај, која е во согласност со претходните проценки и е најниска од февруари 2022 година.
Инфлацијата во ЕУ во мај падна на 7,1 отсто од 8,1 отсто во април.
Најниска годишна стапка на инфлација во мај е забележана во Луксембург – 2,0 отсто, Белгија – 2,7 отсто, Данска и Шпанија – по 2,9 отсто, додека највисока инфлација е забележана во Унгарија – 21,9 отсто, како и во Полска и Чешка – По 12,5 отсто.
Споредено со април, инфлацијата опаднала во 26 од 27 земји членки, додека таа се зголемила само во Холандија. Цените на енергетските производи паднаа за 1,8 отсто на годишно ниво, додека во мај храната, алкохолот и тутунот пораснаа за 12,5 отсто, а услугите за 5,0 отсто, што е нешто побавен раст од април.
Годишната стапка на базичната инфлација во еврозоната исто така падна на 5,3 отсто во мај од 5,6 отсто во април, што е најниска базична инфлација од јануари.











