Кинезите сакаа да го преземат Пирели. Италијанците ги спречија во тоа

Италијанската влада го блокираше обидот на компанијата Синохем која е во сопственост на кинеската влада да ја преземе контролата врз гигантот за гуми Пирели, јавува Би-Би-Си.
Синохем е најголемиот акционер во Пирели со удел од 37 отсто, а блокот за преземање дојде во услови на тензии меѓу Пекинг и Западот.

Пирели им кажа на инвеститорите во неделата дека италијанската влада донела одлука дека само Camfin, компанија контролирана од шефот на Пирели, Марко Трончети Провера, може да номинира кандидати за нејзин директор. Пирели посочи дека владата одлучила сите промени во корпоративното управување на компанијата да бидат предмет на официјална контрола. Ова дојде откако Синохем ја информираше италијанската влада во март дека планира да го обнови и ажурира постојниот акционерски договор.

Администрацијата на италијанскиот премиер Џорџија Мелони го анализираше договорот според таканаречените правила на Golden Power Procedure, кои имаат за цел да ги заштитат компаниите кои се сметаат за стратешки важни за нацијата.

Во 2015 година, Пирели беше продаден за 7,1 милијарди евра на група инвеститори во кои беа вклучени компаниите ChemChina и Camfin. Шест години подоцна, ChemChina се спои со кинеската државна компанија Синохем. Инвестицискиот фонд Silk Road  на кинеската влада поседува и 9 отсто од акциите во Пирели, пренесува Индекс хр.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во Пекинг во ретка посета на Кина. Неговото патување доаѓа во време на затегнати односи меѓу Кина и многу западни земји поради прашања поврзани со трговијата, Тајван и безбедноста.

Пред неговата посета, се веруваше дека има мали шанси за некаков напредок во бројните спорови меѓу двете најголеми светски економии, од кои еден е обидот на САД да го забават развојот на кинеската индустрија за чипови.