
Најчитаниот германски весник Билд, во сопственост на медиумската групација Аксел Спрингер, ќе укине неколку стотици работни места и една третина од неговите регионални изданија во земјата, како дел од дигиталната трансформација.
Билд ќе елиминира 200 позиции во областа на „уредување и продажба“ низ Германија и ќе го намали бројот на своите локални изданија од 18 на 12, дознава Франс прес од извор близок до весникот.
„Сегашните структурни промени доведуваат до кратење на работните места. Се разделуваме со производи, проекти и начини на вршење работи кои повеќе нема да бидат профитабилни“, велат истите извори.
Од почетокот на годината, Билд започна со дигитална стратегија, со долгорочна цел да го укине хартиеното издание на весникот, кое е едно од најчитаните во Европа.
Билд има дневен тираж од околу 1,7 милиони примероци, а во 2018 година надмина два милиони.











