Замрзнати имотот и сметките на Нокиа во Индија

51

nokiaИндиските власти ги замрзнаа активите на финската компанија Нокиа поради даночен спор што оваа компанија го води со владата во Њу Делхи.

Даночните власти во Индија минатата недела ги замрзнаа банкарските сметки и имотот на Нокиа, што ја принуди компанијата да се обрати до Врховниот суд во земјата, кој веднаш нареди нивно одмрзнување.

Како што соопшти Нокиа, компанијата добила пристап до некои банкарски сметки, но еден дел од фиксните активи останал замрзнат, јавува Ројтерс.

Од компанијата додаваат дека блокирањето на сметките нема да го попречи нивното работење ден за ден и дека имаат доволно средства за да ги исполнат своите даночни обврски кон Индија.

Во првиот квартал од 2014 година треба да се затвори договорот за продажба на бизнисот со мобилните телефони и патентите од Нокиа на Microsoft, што е предмет на одобрување на акционерите и регулаторите. Од Нокиа велат дека случувањата во Индија нема да ги променат плановите и дека трансакцијата со Microsoft ќе биде затворена во првите три месеци од 2014 година.

Нокиа е само една од компаниите против кои се покренати даночни спорови во Индија. На удар на индиските власти се најдоа и компаниите Cadbury, Royal Dutch Shell и Vodafone.