Саем на кариера и вработување во Прилеп

39

Во Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп вчера беше отворен првиот дводневен саем на кариера и вработување, проект на УСАИД Младинска мрежа, за стекнување вештини при вработување заедно со Центарот за вработување од Прилеп и локалната самоуправа.

Саемот го отворија министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, Мајкл Сивејтнер, директор на Канцеларијата за демократија и образование при УСАИД и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.

Според Спасов проектите за вработување што ги спроведоа Министерството и Агенцијата за вработување се одвиваат доста успешно. Бројката на невработеност за прв пат е под 30% (28,8%), а што се однесува до младите кадри и пазарот на трудот, најави дека од средината на ноември Министерството ќе отвори нов сервис со цела база податоци за пазарот на трудот.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски посочи дека многу битен е маркетингот.

“Неопходен е маркетинг меѓу компаниите, образованието и Агенцијата за вработување во планирање на квотите за вработување. Всушност најголема обврска имаат работодавците да кажат кои кадри им се неопходни во процесот на производство. Без анализи не може да се решава долгорочно проблемот на невработеноста во земјава”, изјави Поповски.

Тој нагласи дека со Министерството за труд и социјална политика годинава спроведе пилот проект меѓу завршените основци за што се интересираат. Набрзо ќе се објават податоците, но генерално се уште има интерес за гимназиите но и за техничките струки.

“Проекти ќе има не само за социјално ангажирање, туку и за поврзување на кадрите со стопанството. Инаку градот за пет години од 24.000 невработеноста ја симна на 17.000, но во Центарот за вработување интересно е што има  410 слободни работни места во бизнис секторот”, вели градоначалникот Марјан Ристески.

Саемот ќе трае два дена. Во Центарот за култура се претставуваат малостопанствениците, а младите добиваат информативни флаери и можност да комуницираат со работодавците. Ќе се одржуваат и панел дискусии за потребите и предизвиците на пазарот на трудот, за потенцијалните зелени работни места, значењето на континуираното учење и професионалниот развој, за стекнување вештини и Анализа за потребите на пазарот на трудот. Проектот ќе се спроведува во седум општини.