Претседателот на ФЕД не исклучува последователни зголемувања на каматите: „Не сме одлучиле кога и како“

Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, го подвлече ставот на Централната банка за сузбивање на инфлацијата и изјави дека на претстојните состаноци може да има последователно зголемување на каматната стапка, пренесува Си-Ен-Ен.

– Ако ги погледнете податоците од последниот квартал, она што го гледате е посилен раст од очекуваниот, построг од очекуваниот пазар на труд и повисока од очекуваната инфлација – рече Пауел за време на панелот на централните банкари во Европската Централна банка во Португалија.

– Ова ни кажува дека иако политиката е рестриктивна, можеби не е доволно рестриктивна и не била доволно долго.

Претседателот на ФЕД додаде дека официјалните лица не одлучиле како и кога ќе ги зголемат каматните стапки, вклучително и дали ќе има зголемување на секој следен состанок.

На сослушувањето во Конгресот минатата недела, Пауел рече дека ФЕД има уште работа за да ја намали инфлацијата, која е далеку над целта на централната банка од 2 проценти.

Претставниците на централната банка претходно овој месец гласаа за паузирање на најагресивната кампања на ФЕД за зголемување на каматите во последните децении.