Новинската агенција Ројтерс ќе отпушта околу 5% од вработените во редакцијата, кажал уредникот Стивен Адлер, велат луѓе запознаени со ситуацијата, пишува The Wall Street Journal.
Во Ројтерс се вработени околу 2.800 новинари глобално, а отпуштањето ќе почне следниот месец.
“Со цел поедноставување и подобрување на оперативниот систем на информации на Ројтерс, се одлучивме на промени кои ќе резултираат со благо намалување на бројот на вработените во редакцијата”, изјави Барб Бург, директорка за комуникации на Ројтерс.
Генералниот директор на Thomson Reuters, Џејмс Смит, претходно најави дека ќе се прави ревизија на работењето на компанијата и предупреди дека процесот можеби ќе бара да се донесат тешки одлуки.
Новинската агенција Ројтерс е само дел од дејноста на матичната Thomson Reuters, чиј основен бизнис се финансиската дивизија и дивизијата за справување со ризик.
Во Thomson Reuters се вработени преку 60.000 луѓе.