Софтверскиот гигант Adobe соопшти дека хакери влегле во нивниот систем и украле податоци за кредитни картички и останати информации за скоро три милиони негови корисници. Се верува дека хакерите дошле до податоци за околу 2,9 милиони луѓе. Меѓу украдените информации се имиња на купувачи, шифрирани броеви на кредитни или дебитни картички, дата на нивното истекување и останати информации за нарачки, пренесуваат агенциите.
“Неодамна службата за заштита откри софистицирани напади на нашата мрежа, вклучувајќи илегален пристап до податоците за нашите клиенти и кражба на изворниот код на производите на Adobe. Со истрага е утврдено дека напаѓачите пристапиле до податоци за идентитетот и шифрираните лозинки на корисните на нашите системи”, стои во соопштението од компанијата.
Од Adobe велат дека работат на решавање на проблемите и соработуваат со полицијата и банките.